
Веќе е речено дека првите училишта на подрачјето на денешна Република Македонија се отворени кон крајот на IX и почетокот на X век во Охрид и западна Македонија од страна на светите Климент и Наум. Во нив се оквалификувани околу 3.500 учители, чија задача била да ја шират писменоста и да го утврдуваат христијанството. Ваквите училишта, најнепосредно врзани за манастирите, работеле сè до XIV век. Потпаѓањето на Македонија под турско ропство значеше и нивно замирање. Никакви податоци за нивна активност нема сè до XVII и XVIII век. Тогаш како училишни центри се споменуваат манастирите Свети Архангел Гаврил Лесновски крај Кратово, Јоаким Осоговски крај Крива Паланка, Свети Прохор Пчински, Свети Јован Бигорски крај Дебар, Света Богородица Пречиста крај Кичево, Свети Атанасие во село Лешок крај Тетово и други. Развојот на трговијата и занаетчиството ја наметна потребата за отворање световни училишта. Првото народно училиште е отворено во Велес во 1838 година, десет години потоа слично училиште е отворено во Скопје, подоцна во 1852 година во Куманово, во 1854 година во Тетово и така натаму. Колку што повеќе се засилуваа туѓите пропаганди во Македонија со јасна намера да се убеди населението дека припаѓа на друг етнос, толку повеќе растеше бројот на училиштата во кои се учеше на туѓ јазик. Во 1904 година на подрачјето на просторот што го зафаќаше Македонија имаше 1.375 грчки училишта со околу 2.100 учители и околу 78.000 ученици. Во учебната 1911-1912 година Бугарската егзархија во Македонија имаше 1.132 основни училишта со 1.776 учители и 63.763 ученици. Во учебната 1906-1907 година на македонскиот простор работеа 303 српски училишта. Поделбата на Македонија меѓу Грција, Србија и Бугарија дефинитивно го исклучи македонскиот јазик од употреба по училиштата. На подрачјето на Егејска Македонија под најстрога забрана во училиштата и, воопшто, во јавниот живот, беше исклучен македонскиот јазик. Во Пиринска Македонија останаа егзархиските училишта, каде што јазикот на наставата беше бугарски, а на просторот на сегашна Република Македонија, која влезе во рамките на Југославија, сите народни училишта беа заменети со српски. Македонскиот јазик беше забранет за јавна употреба.
Новата македонска држава ги дочека своите први слободни денови со 300.000 неписмени или околу 64 отсто од населението од 10 до 50 години старост. Во Македонија тогаш имаше само 337 учители. Освен училишта на македонски наставен јазик, беа отворани и училишта на албански и турски наставен јазик. Веќе во учебната 1958-1959 година во Република Македонија постоеја 964 основни училишта на македонски јазик со 63.324 ученици и со 1.600 учители, како и 199 осумгодишни училишта со 107.600 ученици и 3.920 учители. Таа учебна година во 183 основни и осумгодишни училишта на албански наставен јазик учеа повеќе од 28.000 ученици. Во нив работеа 510 учители - Албанци. Основни и осумгодишни училишта на турски наставен јазик во таа учебна година имаше 27 со околу 8.000 ученици и со 170 учители.
Во Република Македонија, по Ослободувањето, во учебната 1944-1945 година, работеа само 11 гимназии. Бројот на гимназистите во нив беше 4.336.
Првото стручно училиште во Македонија го отворил српскиот учител Јован Нешковиќ во Велес. Училиштето го добило името "трговско", зашто во основа подготвувало кадар за трговијата. Во 1868 година во Штип учителот Јосиф Ковачев отворил педагошко училиште, чија цел била подготвување учителски кадар и свештеници. Истиот учител во 1874 година во Прилеп отворил исто такво училиште, кое, иако работело само три години, подготвило голем број учители. Во првата деценија од минатиот век во Скопје е отворена прва учителска школа, која во учебната 1913-1914 година имала 288 ученици.
Во учебната 1946-1947 година во Република Македонија, покрај трите наследени стручни училишта, почнаа да работат и среднотехничко училиште и две медицински училишта во Скопје, средно земјоделско училиште во Битола, како и 36 училишта за квалификувани работници. Веќе во учебната 1958-1959 година во средностручните училишта низ Македонија се школуваа 11.749 ученици, а во училиштата за квалификувани работници 8.686 посетители.
Денес, Република Македонија е покриена со густа мрежа од сите видови образовни институции и училишта. Во неа во учебната 1993-1994 година работеле 1.050 основни училишта со вкупно 260.659 ученици и 13.102 наставника. Исто така, работеле 44 специјални основни училишта со 1.397 ученици и 17 основни училишта за образование на возрасни, посетувани од 835 ученици. Во таа учебна година во Македонија работеле 90 училишта за средно образование со 74.200 ученици и 4.487 наставници. За дополнително образование постоеле 16 нижи музички и едно нижо балетско училиште со 4.203 ученици. Работеле и две средни верски училишта со 386 ученици, и тоа: православно со 123 и исламско со 263 ученици.
Во учебната 1992-1993 година во Републикава работеле 809 основни училишта со македонскиот јазик како наставен јазик со 183.044 ученици и со 9.057 наставници. Истовремено, во Република Македонија работеле 280 основни училишта со албански наставен јазик, со 69.952 ученика и 3.517 наставници. На турски наставен јазик постоеле 54 основни училишта. Нив ги посетувале 5.172 ученика, воспитувани и образувани од 289 наставници. Исто така, во Републикава во таа учебна година работеле и 13 основни училишта со српски наставен јазик и со 1.009 ученици.
Интересен е прегледот на средните училишта во Република Македонија и националниот состав на учениците во нив во учебната 1992-1993 година: од вкупниот број средни училишта во Македонија со наставен јазик македонски има деведесет. Нив ги посетувале 65.855 ученици, а бројот на наставниците бил 4.092. На албански јазик имало 11 средни училишта со 4.169 ученици и 306 наставници, а на турски наставен јазик две средни училишта со вкупно 219 ученици.
При сумирањето на средните училишта не се добива вкупниот број поради двојазичноста на која се одвивала наставата во извесен број од училиштата. Вкупно во учебната 1992-1993 година основно училиште завршиле 28.782 ученика. Истата учебна година средно насочено образование завршиле 15.704 ученици.
Во Република Македонија постојат два универзитетски центра - во Скопје и во Битола. Во рамките на овие два универзитета работат природно-математички, архитектонски, градежен, машински, електротехнички, технички, рударско-геолошки, технолошко-металуршки, медицински, стоматолошки, земјоделски, шумарски, економски (во Скопје и во Прилеп), правен, филозофски, филолошки, и православно-богословски факултет, како и факултети за физичка култура, за ликовна, за музичка и драмска уметност и интердисциплинарни студии по новинарство, по производно-техничко образование и за заштита при работа. Во Републикава постојат и шест виши школи и тоа: Виша медицинска и Виша земјоделска во Битола, Виша земјоделска во Струмица и педагошки академии во Скопје, Битола и Штип. Вкупно, на сите овие високошколски организации во учебната 1994-1995 година студирале 29.057 студенти од кои 15.692 студентки. Вкупниот број на наставници во таа учебна година изнесувал 2.394.
На високошколските институции во Република Македонија во периодот од 1948 до 1993 година дипломирале 114.679 студенти. Во периодот од 1957, кога на Скопскиот универзитет докторирал првиот докторант, па до 1993 година, ова високо научно звање го добиле 1.052 кандидати. Магистерски трудови одбраниле 1.831 кандидат.